Ана Бунтеска: Ги будиме демоните

Добивај вести на Viber

Ги будиме демоните

кои во зениците ни спијат

за да си поприкажеме за старите болки

чунки нови немаме

за да ни браздат по челата идните сомнежи

како преплетени автопатишта

во кои автомобилите се движат во хаос

а жртви се нашите надежи

со кои душите си ги труеме

залажувајќи се дека така ни е поарно.

Ги будиме демоните

од кои животите ни зависат

преку крв да се чувствуваме дека дишеме

плитко и нерамномерно

како риби на суво

не водејќи грижа

дека секој здив можеби последен е

и дека со ококорени очи на грб ќе пливаме

низводно како и сите околу нас

во оваа фарса која секојдневие ја нарекуваме.

Ги будиме демоните

за да можеме душите да си ги разбудиме

и уште по еден рез во нив да направиме

од лажен мир со кој заспиваме

и по цела ноќ од сеништа се будиме

покривајќи се преку главите

како децата се тешиме

дека ако не ги гледаме

ќе н` одминат во широк лак

до следното заспивање.

Ги будиме демоните

еве, гледај, гледај како во утрата чекориме

полни јадови и изгризани мечти

оштетени во невиноста која одамна ни е силувана

и божемна абортирана љубов

на која срцевите отчукувања се минато

и која не може никогаш повеќе да се зачне

во мојата јалова матка да се вгнезди нашиот плод

кој одамна е мртов.

Ги будиме демоните

од кои сиот живот бегаме

за инает на нашата храброст

која е стуткана во лушпа од орев.

Те будам

и разбуди ме

во овој ден во кој ќе признаеме

дека од нас ништо не останало

ниту сенка од она што сме биле

освен разбудени демони во кои се претворивме.


За Женски магазин, поетесата Ана Бунтеска