Ана Бунтеска: Градиме мостови

Добивај вести на Viber

Градиме мостови

преку реки пресушени

како секој миг да ќе надојдат

и во неповрат ќе однесат

с` што сме си кажале некогаш.

Полека и стрпливо мостови делкаме

од дрво ги токмиме

како да ќе можат да додржат

и зборовите да ни ги зачуваат

кога водата ќе ги измие сеќавањата.

Градиме мостови

преку срцата наши оштетени

патиштата до нив си ги бараме

небаре на крстопат сме

и по мирисот нема да се најдеме.

Ете така, мостови полека лепиме

демек полесно ќе е да не се изгубиме

чунки ветар во душите немаме

па со едно дување нема да зацвилат

и со себе с` да однесат.

Градиме мостови

ти до мене

јас до тебе

до она што со љубов сме создале

кога еден во друг сме се вдомиле.

Градиме

упорно и без престан

веќе и сме заборавиле што

ама само колку нешто да се прави

за да не се заборавиме.

И дур телата ни самуваат

а дланките провев ни фаќаат

и усните ни се сушат

со последните сили мостови градиме

до љубовта наша да стасаме.

Градиме мостови

за еден во друг да се најдеме

и еден со друг да се препознаеме

нашите кутри мостови од копнежи ги плетеме

кревки и нежни како тивкото „збогум“ што сме си го кажале.


За Женски магазин, поетесата Ана Бунтеска