Ана Бунтеска: И оваа зима ќе мине

Добивај вести на Viber

И оваа зима ќе мине

втора без тебе

а којзнае која без себе

со студ кој цела година трае

кој и на лето се носи

како другите наочари за сонце што носат

ете така јас во прстите од рацете

јануари го чувам...

И оваа зима ќе мине

со мирис на компот од дуњи

и замрзнати мисли во умот

со сеќавања кои имаат боја на изгазен снег

ракавици без прсти и раце без прегратки

со вкус на мраз во устата

во сите нијанси на сино

за јануари да го обојам...

И оваа зима ќе мине

покрај огништа згаснати

запретани љубови и мечти

студени срца и топли костени

воздушести чекори кои никаде не водат

изѕемнати носеви и растечени души

пареа од чај со лимон и мед

јануари на нане мириса...

И оваа зима ќе мине

безгласна и слепа

со слатка болка во градите

и празнина во стомакот

со љубов удавена во солзи

со главата горе дур срцето тоне

нова бразда кај усните

со горчина од мојот јануари.


За Женски Магазин, Ана Бунтеска