Ана Бунтеска: Има деној кои треба да се преживеат
Има деној кои завршуваат уште пред да започнат
Во кои од изгрејсонце па до зајдисонце не се наоѓаш
Та ко ќе се свестиш ти фали средата
Или во недела, четвртокот го бараш
И никако не успеваш да се присетиш каде ти кинисал денот
И зошто без тебе одминал и не се вратил
Има деној пиле
Во кои не ти е ниту лошо ниту арно
Ко да не си тука
Ко душата некаде да ти заминала
А без неа телото не ти памети ништо
Ко да си бил во некој паралелен свет
И одозгора гледаш ама ништо не догледуваш
И на слепо ти минуваат саатите
Ете, има такви деној
Кога сакаш назад да се завртиш
И часовникот да го застаниш
На сила стрелките да ги вратиш
И се’ отпочеток да почни
Ко да ќе можеш нешто да смениш
Еве на пример со насмев да станиш
В кревет да се истегниш толку силно и долго
Небаре телото за некој сантим ќе го издолжиш
И копчето за бол на OFF да го стисниш
Капата на глата да ја накривиш
И да ти биди рамно ко езеро без браној
Има деној
Има деној ко за ништо и за никаде си
Ама од оваа кожа знаеш дека нема каде да одиш
И ќе стисниш заби за да истуркаш до легнување
Како-така времето да ти помини
Та ќе се потсеќаш оти треба да се смееш
Ќе се потштипниш ко мајка ти шо ти праела
За на гости бељи да не правиш
И со олеснување ко ќе си легниш
Насмевката од усни ќе ја отштрафиш
И ќе ја тргниш настрана за некој друг, поубав ден
Со олеснување дека еве овој си го преживеал
Има и такви деној кога срцето ти пее
Ама пее чиниш пиле од кафез пуштено
И ти ѕуни во ушите од сопствениот пој
Та ти се чини оти светот можиш да го гушниш
И оти еден живот за љубов малку ќе ти биди
И ко на дете очите ти се ококорени
Ко пред излог со чоколади донесени од некаде
За кои можеш само да сонуваш
Ама ете ти сепак во устата вкусот им го сеќаваш
Ех пиле
Има деној
Има деној кои светат во зима
И онакви кои се црни на сред лето и сонце кога печи
Деној полни горчливи спомени
И онакви во кои душата анестезирана ти е
И убо е што сите завршуваат
И како старејш свесен си
Оти и арното и лошото врви
Ама пусто умен да си и да не боледуваш од лошо
И умен да си за да знајш оти и убото ќе мине
Та мирот некаде на средина да си го најдиш
И да можиш и едните и другите со лекост да ги врвиш
Оти има деној во кои умираш
И деној во кои одново се раѓаш
Од пепел
Од спомени
Деној во кои од црното-бело ќе сториш
И оние тешките
Во кои белината како никогаш да не постоела
Има деној кои треба да се преживеат
И деној во кои животот ти се смее
Како денес
Како мене денес со тебе
За Женски магазин, Ана Бунтеска