Ана Бунтеска: Има нешто смирувачко во патување со воз

Добивај вести на Viber

има нешто смирувачко во патување со воз

мирисот на кожени седишта

застоениот воздух полн здивови

едноличниот звук од шините

непознати лица

мисли втиснати на прозорците

тажни испраќања

дочеци полни очекувања

расплакани очи

насмеани усни

свиреж

облаци пареа

и еве тргнуваме

а јас сеуште не знам на кај сум кинисала

билетот ми стои стуткан в џеб

изваден за “последната станица”

и сеедно ми е

сакам само тропотот да го слушам

во луѓето да се џарам

како да можам себе во нив да се најдам

удобно сместена

стуткана во големо палто

обмотана со шал

со изѕемнати прсти пикнати во ракавици

секогаш седам обратно свртена

како тие неколку секунди задоцнет пејсаж

да сум ги украла

како да ќе проживеам неколку секунди повеќе

и мирно седам

освен кога тунелите наближуваат

ете тогаш станувам

и чекам темнината да ме голтне

замижувам и си помислувам

дека можеби крајот вака наликува

и отворам очите кога светлина заплиснува

на излез од тунелот

како во приказните на оние кои на смртта

во очите и’ погледнале

само што знам дека ова рајот не е

а ниту за пеколот пак сум сигурна

оти билетот уште стуткан во џебот ми спие

па го чекам кондуктерот да дојде

и со сета сериозност да го прашам

на каде овој пат сум тргнала

со мојот билет во еден правец изваден


За Женски Магазин, Ана Бунтеска