Ана Бунтеска: Ја делкавме љубовта

Добивај вести на Viber

Ја делкавме љубовта како ореово дрво

Чиниш астал токмевме 

На кој за вечера се спремавме

Доволно широк 

За два животи да збере

Доволно голем 

За мечтите да ги сервираме

Доволно силен 

За на него со чинии да тропаме

И од нив со ноќи да се гоштеваме

Ја делкавме љубовта

Како да е дрво од стогодишен орев

Та потчукни ваму

Истругај онаму

По мерка на секој од нас да биде

Оти еднаш таква маса се прави

За навек да трае

Сета тежина да ни ја искрепи

Сите болки да ни ги додржи

Големи мајстори се сторивме

И ти и јас шупелки во умовите

Кога вакви неуки и прости

Од орев дрво 

Сакавме убост да стокмиме

А ниту ти мене ме праша

Ниту пак јас од тебе акал барав

Туку и двајцата по свое си теравме

Демек знаеме како вечност да спастриме

И еве како уште се мачиме

А пустата само ја смалуваме

Оти не бива маса по терк на суета

Не бива живот по терк на инает

Ја делкавме љубовта

Како ореово дрво да е

И од неа сега само струготини имаме

Кои тажно зјаат

И од кои трпеза не ќе биде

Ниту астал на кој вино ќе се точи

И на кој со часови ќе муабетиме

Не ќе биде астал 

На кој еден карши друг ќе седиме

И рацете еден со друг ќе си ги држиме

Оти и најсилното дрво ковчег станува 

Тогаш кога љубовта умира


За Женски магазин, поетесата Ана Бунтеска