Ана Бунтеска: Каде кинисавме?

Добивај вести на Viber

Кинисавме удолу двајцата

Онаму каде што забрането беше

Не оти имаше СТОП знак

Туку по некое непишано правило

Кое отсекогаш сме го повторувале со уста

Ама никако во умот да ни влези

Та почнавме еден со друг да се јадеме

Како ненаситни во мевовите

Од пуста желба со смет да ги наполниме

Како улави, како недоделкани

Оти ни се чинеше дека вкусна храна е

И еве до каде стасавме

Ти мене под око ме гледаш

Како да сакаш нешто да ми кажеш

Јас тебе избегнувам да те погледнам

Оти не знам што би ти рекла

Додека меѓу нас како ѕид 

Зборови одамна плукнати стојат

Цигла врз цигла со малтер-клетва залепени

А ниту ѕирка, ниту проѕирка

За барем еднаш да се опулиме ко луѓе

Чунки така треба, така мора

Кинисавме удолу

И ти и јас како без кочници

Со луда надеж дека ќе можеме да сопреме

Или детска наивност дека ќе застанеме

Без некаде попатно да ни се урниса вербата

И дека покрај сѐ 

Вака или онака ќе извлечеме жива глава

Без да помислиме оти на тој пат

Никој без лузни и гребаници поминал

Оти поостро и поболно нешто

Од чоечкиот јазик нема

И еве кај сме

После години и векови заедно

Со души секоја на своја страна

Како патници кои во различни возови се

Со постела во која меѓу нас

Празно и ладно место зјае

За не дај боже случајно да се допреме

Или љубов еден на друг да си дадеме

Оти горделивоста и на обајцата

Одамна ни е поважна 

Од кроткоста со која се гоштевавме

Кинисавме удолу

Не знам како 

И верувам дека не знаеш како

Дали времето не’ изџвака

Или толку наивни бевме

Што мислевме дека љубов без труд успева

Та сега молчиме и главите си ги чукаме

Како од оваа каша да излеземе

И барем нешто наше да сочуваме

За пред себе да не се срамиме

Оти кинисавме удолу, оти спас ни нема


За Женски Магазин, Ана Бунтеска