Ана Бунтеска: Кафез од мисли
Ги таложиме мислите
Една врз друга наредени
Густо збиени во умовите
Дур не почнат да притискаат на черепот
Дур не почнат да болат
Од она што во себе го чуваме
А никогаш на глас не сме го кажале
Најмалку на себе во тишина и спокој
Ги стискаме мислите
Ко старец бастунот
Без кој сигурност нема
Ги мериме и премеруваме
На кантар кој никогаш наш не е
Додаваме боја
Синкир нема да распука еден ден
Го премачкуваме црното од нив
Проголтано за да го заборавиме
Небаре вкусна чорба сркаме
И ни жежи во утробите
Напластено во вените
Горчливо ко пелин да сме изголтале
Се срамиме од мислите
Кои од страв не ги вадиме на видело
Дур не станеме некој што не сме
И никогаш не сме сакале да бидеме
Од пуста желба да се допаднеме
Како бегство од самотијата
Која живи не’ јаде и закопува
Та само телата и имињата
Нечепнати ни остануваат
Со души кои повеќе не се наши
И низ животот акаме
Со облаци од мисли над главите
Кои се прпелкаат и се јадат една со друга
Се поболуваме од јад
А се смееме на сиот глас
Учени дека болката не се покажува
И дека низ трње сами мора да чекориме
Дур еден ден нешто во нас не пукне
И сите мисли не се истурат
Ко детски џамлии
Ко шарен дожд на силно сонце
Та небото во ѕуница го бојосува
И од лекост плеќи исправаме
Оти ништо на светот не тежи повеќе
Од мисла потисната
Од мисла која окована била
И која бел ден не видела
Од пусти страв
Од пусти срам
Чувајќи ги мислите во кафези
Чиј клуч во рацете ни лежи
Клучот на слободата на мислата
Со која не научивме да живееме
Во која не научивме свои да бидеме
За Женски Магазин, Ана Бунтеска
Фото: уметница-Анжелика Колева