Ана Бунтеска: Како новогодишен панаѓур во градиве ми е

Добивај вести на Viber

не ми е мене срцето празно

сите здивови внатре ми стојат

и љубов имам

полни раце  ѕвезден прав

кој зад себе го посипувам

за по него да ме најдат

сите дождови таму ги носам

сите одблесоци по влажните асфалти

бакнежите кои ме разбудиле

и оние со кои збогум сум кажала

во срцево сите спомени ги чувам

од дете

мирисите со кои пораснав

компот од дуњи

чај со шумски мед

мирисите на оние кои ги љубев

таму се втиснати

таму ми спијат

и вкусовите на муабетењата со моите луди жени

солзите кои сме си ги размениле

болките кои сме си ги кажале

стравовите

борбите со сами себе

не ми е мене празно во градите

сиот мој живот прави тик-так

пулсира од страст

врие и баботи

и се’ таму собрано ми е

секој збор кој сум го кажала

оние кои сум ги премолчела

таму

како на тивок оган

се готват оние кои допрва од мене ќе излезат

и тагата таму ми стои

без која не би била она што сум

без која сакам, а не можам

не ми е

не ми е мене срцево празно

како новогодишен панаѓур во градиве ми е

светка

музика има

врева

таму го има она што ми треба

и она што одвишок ми е

а празно не е

никогаш и не било

само тебе

ете

само тебе

во него те нема


За Женски Магазин, Ана Бунтеска