Ана Бунтеска: каква љубов сакаш, пиле?
Каква љубов сакаш, пиле?
Тивка к’о вода која текот го фатила
И ниту брег рони
Ниту штета прави
Туку жубори милно да ти е мерак покрај неа да
застанеш
И лице и снага да замиеш
Дали душата ми ти сака љубов
Која на пресна погача мириса
Послана на украсена трпеза
Измесена со радост од домаќинката
Изедена со сласт од домашните
Дали сакаш љубов која свети к’о кандило
Запалено во стара куќа
Како аманет да ги чува од зло
Сите кои во неа живеат
И која се пие к’о бело вино
Та низ грлото лизга к’о лек да е
Каква љубов ми ти бара срцето, душо моја?
Дали густа к’о зејтин да е
Та и ко’ ја мешаш со неубави зборови и гнев
Пак озгора ќе исплива
И сите поганлаци ќе ги покрие
Љубов од која болестите бегаат
И к’о мајчин бакнеж на удрено коленце зацелува
Која ја дишеш со полни гради
И внатре градина ти цути
Каква љубов е арна љубов
За да ми ти го распее пилето
И да посакаш покрај некој староста да ја дочекаш
Та со истата милост к’о на младост
Рацете на тој до тебе да му ги бацуваш
И здивот да му го вдишуваш
За да ми ти е убаво на душата
Не биди будалче
Не барај љубов која е бесна
Која е полна тишина меѓу две ноќи полни оргазми
Која без воздух те остава
И празнотија те полни
Не посакувај љубов која се јаде
К’о жешко тесто на празен стомак
И која само тежина ќе ти остави
Или онаква која се лока ко ненапиен да си
И ќе те опие за да си ја изблуеш младоста
Која гори ко хартијава на која пишувам
И зад себе само смрдеа остава
Ех, да може човек умен да биде
И да знае да препознае љубов од нељубов
Да знае навреме да се тргне
И да се спакува за да замине
Да знае да си каже сам себеси
Оти сѐ што болка носи
Зад себе треба да остави
Брза жал и без да се заврти
За душата и телото да си ги спаси
Каква љубов
Каква љубов ти треба, пиле?
За да можеш да сонуваш наместо кошмари да имаш
Да пееш наместо солзи да рониш
Да се кикотиш к’о дете наместо да гувееш и тажиш
Љубов од која животот лесен ќе ти е
И нема од смртта да се плашиш
Која ќе ја чуваш к’о чедо
И ќе ја љубиш к’о маж
Ќе ја почитуваш к’о старец мудар
И ќе ја славиш ко куќна слава
Пиле мое
За каква љубов пишуваш
И за каква љубов срцето го токмиш
Та стихови и думи везеш
И тивко во себе да ја најдеш се молиш
Каква љубов е арна љубов за да го носи името љубов
За Женски магазин, поетесата Ана Бунтеска
Фото: Стојан Стојановски