Ана Бунтеска: Камшик си ми и камшик сум ти... знам
Камшик си ми
со кој се казнувам ден за ден
а со мислите за тебе
од кожава парчиња корнам
и сол озгора ~ ставам
со гнев од кој ми набабруваат слепоочниците
со крцкање на забите
чиниш песјациве намерно ги тапам
со рев низ усни
кој повеќе на цвилеж наликува
со побелени прсти
од стискање на минатото в раце
со згрчена утроба
од која само копнеж излегува
со синџир на срцево
кој удолу ме влече
со бол и од бол
и ми доаѓа да врескам
колку што гласов ме држи
да ти кажам колку ме боли
како ги голтам деновите
без да ги џвакам
како ми горчи во душава
или во она што од неа ми остана
да ми олесни
да се испразнам
од мене да излезе сета болка
и стравот дека се немаме
чувството на умирачка
дека никогаш повеќе нема да се најдеме
ете
сакам љубовта да ја изблујам
крв да си пуштам
и со неа да ми истечеш и ти
да ми остане само телово
како испразнета лушпа
и рацете во глава да ги заријам
да те откорнам како троскот
за и таа празна да остане.
Камшик си ми
и камшик сум ти, знам
и ден за ден
еден од друг си корнеме по нешто
дур те снема, дур ме снема
дур н` снема.
За Женски магазин, поетесата Ана Бунтеска