Изострено перо // Поезија
Ана Бунтеска: Кога извира
кога извира
навидум од никаде
а чувствуваш
како потоп
кој разорува
однатре
и надвор се прелева
пламти како оган
гори во тебе
и врие
како во котел
како последно да е
за да умре
за да го закопаш
а потем да воскресне
небаре втор живот живее
и извира
од умот
и од кај градите
зад коските
кај мекото
напластено од трепет
заживува
разиграно
клетките ти цутат
и крвта има поинаков тек
клокоти
во вриеж од бои
од еден звук
на топотот на срцето
таму извира
и те прави свој
издишуваш минато
и вдишуваш
спокој
иднина
себе
здивот негов
месото негово
во твоето всадено
како еден од друг создадени
кога извира
за да ги поплави сите сомнежи
да го напои сувото
што од векови се насобрало
со страст
и мир
во тебе
во него
кога тече
кога извира
За Женски магазин, Ана Бунтеска