Ана Бунтеска: Кога липите прецветаа

Добивај вести на Viber

Ни се одродија презимињата

од двајца браќа носени,

со аманет од дедовците оставени,

а имињата ни се без значење

како од ветар однесени

сургун да фатат, ден да не видат.

За причеста одбравме дар од нечестивиот,

престорен во човечки лик

со лажна молитва

и пелин со медовина измешан

во која ниту утеха најдовме

ниту душата си ја смиривме.

Зборовите ни осамнаа во празен ден,

затапен од прежешкото сонце

без капка надеж 

или барем наросен од солза радосница,

за да си ја замиеме совеста

која без сон не’ остави еден век.

Во мислата дупка имаме

како бунар кој пресушил од јад

и низ неа се провираме ко црви

за да го гризнеме јаболкото на животот,

кое однадвор уште здраво се чини

дур забите не ни пропаднат во лажна сласт.

Ја побарав љубовта на олтарот 

пред кој коленичевме понизно

со сведнати глави,

исправени суети поголеми од вербата

колку да се рече дека од редот сме поминале

за да ни бидат желбите услишени.

Заминав дента кога водата течеше спротиводно

и сонцето изгреа од  запад,

кога чекорот тргна наназад,

а времето напукна во сите часовници.

Тој ден липите прецветаа.

За Женски магазин, поетесата Ана Бунтеска