Ана Бунтеска: Кога тагата совршено на душата ѝ прилега

Добивај вести на Viber

Вратот со ѓердан го обвиткувам,

неколкупати, како јаже да себе да клавам,

затегајќи го полека дур не здоболи,

дур не остават траги црните бисери,

кои совршено ми прилегаат.

Телото го завивам во тантела,

густа, а на допир мека и пердувеста,

како во облак есенски да се вовирам,

како невеста во црн фустан облечена,

кој совршено ми прилега.

Очите во љубовно зелено ги бојам,

усните во најтемната вишнова,

со ѕвезден прав образите ги поминувам,

сето белило на светов на лицево ми лежи,

кое совршено ми прилега.

Црвени прамени од косата пуштам,

нежно по кожата да ме скокоткаат,

како допир  кој потсеќа на твојот,

треперлив со бледа нијанса на болка,

кој совршено ми прилега.

Танцувам со затворени очи на месечината,

на високи и тенки потпетици качена,

на музика која ми мириса на тебе,

која ми ги згрчува мислите и гали плешките,

која совршено ми прилега.

Со копнеж во градите улиците ги чекорам,

ги врвам сите мои одамна поминати патеки,

барајќи ги по ќошиња оставените насмевки и

твојата сенка во чии раце и мојата почива,

која совршено ми прилега.

На изгрејсонце се враќам, уморна и стара,

боса и гола со размачкано од дождот лице,

во рацете сноп ноќни воздишки,

легнувам во раскошен ковчег, полн сушен босилек,

кој совршено...совршено ми прилега.


За Женски Магазин, Ана Бунтеска

Фото: Стојан Стојановски