Ана Бунтеска: Кога живи умирате...кога умрени живеете

Добивај вести на Viber

ништо не боли толку

колку што боли кога ќе се најдете

во погрешно време

прерано

или предоцна

ете

на овие години знам

дека рано и доцна исто болат

и дека исто завршуваат

како сеќавања

од кои душата ти се собира

како згужвана хартија

на која љубовта сте си ја испишале

со букви размачкани од солзи и страст

и дека во умовите само клука мислата

на бакнежот со кој живот сте си дале

и прстите испреплетени

кога се залажувате дека никој нема да ги раздвои

на моментот кога се прегрнувате

како оној другиот да е спас

и се вдишувате

за да остане трага

за кога ќе мириса на трулеж

да го најдете мирисот на другиот во себе

за денот да се истурка

на раб на здрав разум

оти боли

боли кога рано е

кога спремни еден за друг не сте

и боли

раскинува од бол

кога предоцна ќе се најдете

кога време немате

кога внатре се прекршува

дур еден ден не се скрши

и одекнува небаре земјата се распаѓа

и потем тишина

која уште повеќе дроби

оти мир не е

само глуво

и немо

без солзи

без да дишете

оти здивовите еден во друг ви останале

и во неповрат отишле

ете така боли

кога еден за друг сте

а прерано или предоцна сте се нашле

кога љубовта ви живее

кога живи умирате

кога умрени живеете


За Женски магазин, поетесата Ана Бунтеска