Ана Бунтеска: Кого лажеш

Добивај вести на Viber

Ќе станеш утрото

Како секогаш, уморна од соништа

Оние кои мачни и долги се

Иако си спиела едвај еден час

Полека ќе се измолкнеш од креветот

Обидувајќи се да не ја гледаш

Празната страна која е секогаш студена

Се исправаш кроце, многу кроце

Како да ти натежнал светот на рамена

Како да ти седнал ѓаолот на тилот

Повторувајќи си во умот

Оти и овој ден ќе мине

Ете, некако и нему крајот ќе му дојде

Клаваш на себе боја

Од карминот со прстот зафаќаш

За да ги нарумениш образите

И со прсти косата ја зачешлуваш

Местејќи го патецот по сеќавање

Оти си го избегнуваш погледот во огледалото

Ја оставаш зад себе вчерашнината

И сиот хаос во куќата

Која одамна не ја чувствуваш како дом

Си мрмориш

Повторно си мрмориш

Дека добро е

Дека добро ќе биде

Та на 1, 2, 3 ја отвораш ширум вратата

И го загризуваш денот 

Како друг да не ќе осамне

Монтирана ти е насмевката

Румена си во образите

И со очи светнати, демек од смеа

Љубезна си

Разговорлива

И на сите им велиш дека добра си

Уште пред да те прашаат

Уште пред да изустат

Го џвакаш денот полека

Ја плукаш горчината од стравот

Оти повторно сама ќе легнеш

На страната која нема твој мирис

И во која неговиот се впил

Одмавнуваш со рака, налет мислите

Ја креваш главата угоре

Небото има боја на море

Иако мириса на снег

Се потсмевнуваш кришум

И знаеш дека добро си

И дека добро ќе бидеш

До мигот кога на огледалото во автомобилот

Не си го фатиш погледот

И очите во кои читаш

Кого лажеш

Кого лажеш...


За Женски Магазин, Ана Бунтеска