Ана Бунтеска: колку ќе ти беше полесно да не пишував за љубовта

Добивај вести на Viber

Колку ќе ти беше полесно

да имаше љубовта облик!

м?

еве, на пример

чевел да беше

па ќе ја пикаше ногата внатре

како сестрите на Пепелашка

и оти не ќе ти беше кнап

ќе си имаше изговор за да ја отфрлиш

или

еве шапка да беше

на главата ќе ја токмеше

та врти ја наваму

врти ја натаму

не ќе се бендисаше

и ќе ја оставеше в подрум годините да ја јадат

колку, колку ќе ти беше полесно

да имаше љубовта вкус!

нели?

па како зачин ќе ја тураше секаде

во секое јадење дур’ не ти се потслошеше

па низ блуење ќе ја тргнеше од себе

или пак ќе прогласеше оти лути

оти ти лути пустата к’о сува везена пиперка

и дека ти го убива вкусот на животот

кој околу тебе врви

аххххх

душо моја

колку тебе ќе ти беше само полесно

љубовта да беше сè освен она што со мене те снајде

та наместо облици и вкусови

жив чоек на тацна доби

од месото свое подготвен да те нахрани

од крвта во чаша за вино турена, да те напои

од душата мека перница за тебе да стори

и срцето во дланки да ти го стави

еве, да се забавуваш

како оние глупоштиите против стрес

да, така срцето в рака ти го имав дадено

стисни, пушти

одмори малку

пак стисни

држи така дур’ не почне да замира

па пушти колку воздух да земе

душо моја

љубов моја

колку ќе беше за тебе полесно

да не пишував за љубовта

ниту тебе да те спомнував

колку полесно ќе беше

и за тебе

и за мене

и за сите оние к’о нас

што со главата во ѕид удираат

љубовта облик да имаше

и вкус да имаше

и да беше сè

сè освен живот

живот и смрт

љубов, љубов моја


За Женски магазин, поетесата Ана Бунтеска