Ана Бунтеска: колку треба за голем чоек да си
за голем чоек да си
треба душа широка да имаш
чиста ко тазе испран чаршаф
послана на нов кревет
убо испеглана за да се израмнат рабовите
и да мириса на доенче
за голем чоек да си
не треба да сториш којзнае што
освен да стоиш пред сенката своја
и да не се криеш никогаш зад неа
ко мало дете кое се срами да се поздрави
за да си драги мој голем
не треба да порасниш во висок и строен маж
ниту да се истрчуваш напред без цел
туку спокоен да си и мирен
во постапките мудар и смирен
а ликот ко на јагне да ми ти е
а не итар ко лисица да си
за голем чоек да станиш
треба големи соништа да имаш
и слобода која во себе ќе ја најдиш
која со пари не се купува
ниту со лаги се создава
оти матна работа е дур себе се мамиш
та стануваш нешто шо телото не ќе го крепи
зато
само зато големите луѓе се сосем обични
тивки и мирни
спокојни и среќни
со топли дланки и отворени срца
со распослана душа и мил поглед
и доволно големи се за глата да ја наведнат
да, токму така
големи за удолу да гледаат и да те заштитат од себе
и гордо горе да ја кренат за да те покажат пред себе
големите луѓе не си ја поганат устата со лаги
ниту рацете со туѓи допири
ниту пак говорат дека големи се
туку молчат
секој збор-алтан
секоја мисла-божилак
секој допир-мелем
бакнежот живот
а животот песна
песната пиле
а пилето слобода
слободни во себе
за да го распеат и пилето во тебе
ете такви се големите луѓе
таков и мојот човек е
голем и убав
тивок и мирен
со силни дланки за мојот свет да го држат
и меко срце за сета да ме збере
такви се големите луѓе
блиску до себе
блиску до Бог
блиску до Универзумот
за да докажат дека постојат на овој свет
амин!
За Женски магазин, поетесата Ана Бунтеска