Ана Бунтеска: Котур конец

Добивај вести на Viber

Котур конец меѓу нашите прсти

котур конец меѓу тебе и мене распослан

едниот крај силно го стискам

а другиот кај тебе го оставам

и со очи те преколнувам

да не го испуштиш

чунки само тој н` врзува

ко низ него

низ тој конец љубовта да ми врви

та низ игла го провирам

и меѓу ребрата замотувам

му правам, ете, едно онакво топче

како копче на кошула да ти сошивам

за да не попушти

да стои закачено за душава

и колку повеќе се бодам

толку поголемо олеснување имам

дека не ќе ми замини срцево бадијала

дека, сепак, ти твојот крај ќе го задржиш

силно меѓу прстите стиснат

да не заминам туку така

да не изветреат сите зборови

со кои сум ти дарила дел од себе

оној кој мене најдраг ми е

чист и мек како образ од доенче

намирисан од мајчино млеко

како првиот бакнеж на оние кои се љубат

украден и зачуван за навек.

Котур конец

меѓу мојата мисла за тебе

и твојата непоколебливост

ниту еден чекор да не направиш

и кон мене да кинисаш

та се мислам дали е паметно

дали ќе има чаре за нас

ако уште малку низ ребрава го затегнам и намотам

иако с` потешко и поплитко дишам

и погледот ти го ловам

за знак да ми дадеш

каков било за кон тебе да тргнам,

со срмен конец сета извезена

од градите надолу намотан.

Како бесилка.

Како украс.

За тебе стокмена. 


За Женски Магазин, Ана Бунтеска