Ана Бунтеска: Кренавме ѕидови
Кренавме ѕидови
Угоре и високо
Та зад нив се сокривме
Ко дете под покривка
Во страв од сеништа
Стуткани како алишта
Заборавени во стар куфер
Полни сомнежи
И испразнети насмевки
Кренавме ѕидови
Без почеток и без крај
Ги заѕидавме мечтите
Надежта ја измешавме со малтер
Ништо не ни остана
Освен ѕидовите околу нас
Од кои еден со друг не се гледаме
Ти онаму
Јас ваму
Ниту врата меѓу нас
Ниту прозорче
Колку барем ликот да ни светне
Или еден на друг
На гости да си појдеме
Или барем пред врата
Два три збора да скршиме
Ги заѕидавме срцата
Сосем неприметно
Како да не знаевме поинаку
Како да не можевме подобро
Та сега крв не пумпаат
Ниту се слушаат
Оладени и неми
Меѓу четири ѕида
На она што го нарековме засолниште
А наликува на гробница
Ги заѕидавме спомените
И со нив ги заробивме копнежите
Ја оковавме иднината
Во која тебе до мене те нема
А мене до тебе местото не ми е
И молчиме
Се тешиме оти така е поарно
Оти така требало да биде
Во тишината во која убаво не ни е
Ама пусто сме навикнале
И ти без мене да си
И јас без тебе денот да го терам
Во тие ѕидови кои ги кренавме
Без кои не знаеме
А со кои живеачка немаме
За Женски магазин, Ана Бунтеска