Ана Бунтеска: лице в лице

Добивај вести на Viber

АКО НЕКОГАШ ТЕ НАЈДАМ

во превез од некое магливо утро

искапен во росата која ќе мириса на мене

со грст овенати рози во побелените прсти и сноп

ПРАЗНИ ВЕТУВАЊА

со кои ми ја касапиш иднината

а сегашноста со бело ми ја пребојуваш

како моето тажно и ослепено

ТРЕТО ОКО

без кое не знам ниту да те насликам

ниту пак да те испишам на хартија можам

та се тетеравам уморна барајќи ја вратата на која стои

БЕЗ ИЗЛЕЗ

и ми иде да се вратам неколку чекори наназад

до мигот кога грб со грб се вртевме

ми иде да врескам колку што гласот ме држи

НЕ ОТКАЖУВАЈ СЕ

оти со оваа љубов долго се породував

како жена која со векови пород чека

та ја носам на раце како плод од нашата

ЗАБРАНЕТА ЉУБОВ

и секојпат наполу застанувам

со поткасани усни и стегнати дланки во тупаница

потсвиткана од немоќ и чемер како да знам дека сум во

ЗАБЛУДА

дека нашето одамна помина и замина

и дека љубовта не се одржува вештачки

приклучена на апарати за дишење како вител од

ИЗМЕШАНИ ЕМОЦИИ

кои ќе замрат со твоето заминување

или со мојот пораз кој на плеќиве ми тежи

вплетен во јазол од сите за тебе

ЗАВРЗАНИ ЕМОЦИИ

кои низ телово ми роварат

и сѐ уште тебе те бараат за да ти шепнат

за да треперат и понатаму запретаните

ЕМОТИВНИ ВИБРАЦИИ

и насила те тргам и протресувам

ти се внесувам в лице и ти се развикувам

да ставиме конечен крај на сите наши безуспешни

ОБИДИ

секој својот пат да го фати

без да се вртиме и сенките еден кај друг да ги бараме

без да го слушаме топотот на срцата и да сме неми на

секое

ИСКУШЕНИЕ

еден со друг да се заборавиме

и ниту една мисла за другиот да не си ја дозволиме

молкум и без тажење длабоко да ги закопаме нашите

ЧЕТИРИ СЕЗОНИ ЉУБОВ

да оставиме само спомените да ги љубиме

кога доволно далеку еден од друг ќе бидеме

како отсјај од светнатиот под на кој го игравме нашиот

ПОСЛЕДЕН ТАНЦ

подалеку од љубовта од која се поболивме

и со која како од вкусно подготвен отров се отрувме

подалеку од сета болка на една голема, но

ДИВА ЉУБОВ

и во длабок сон како во бегство да потонеме

дур’ не научиме еден без друг да дишеме

до некој следен миг на безболно

БУДЕЊЕ

за да можеме воздух длабоко да земеме

и исправени да почнеме да чекориме

без да се прашаме дали го искусивме

ДРУГОТО ЛИЦЕ НА ЉУБОВТА

а потем оздравени

насмеани

остарени

без болка

без јад

со топлина од убав спомен повторно да се гледаме

ЛИЦЕ В ЛИЦЕ

(посветена на изложбата на Тања Џипунов со наслов „Лице в лице“ во 2016 година)


За Женски магазин, поетесата Ана Бунтеска