Ана Бунтеска: Љубов преку ѕидови
Твојата љубов е како ѕид
од мојата страна на ѕидот е празно
тули кои зјаат без малтер
а ти отаде
од другата страна
раскажуваш приказни од кои ми се слошува.
Отаде ѕидот е бело бојосан
и на него слика од дом
со широко отворени пенџериња
а јас пак се напрегам за да го сетам мирисот
од топлата чорба чија пареа низ нив излегува.
Та велиш оти и градина има
полна трендафили и зеленило
кое не успевам да го замислам
од сивилото кое пред мене очиве ми ги полни
и сино небо отаде, кај тебе
со по некој облак
бел и мек како памук.
Го слушам твојот смирен глас
како раскажува нешто што од оваа страна го нема
нешто што ме боли
и како жива рана ми пулсира во умов
и прстиве ми се вкочануваат
како канџи од под нокти да ми никнуваат
па почнувам да копам по ѕидот
за до твојот – мојот дом да стасам
и носот во градината да го нурнам.
Копам дур не се раскрвавам во рацете
дур само живо месо наместо нокти ми останува
и згрчена наземи паѓам
оти овој проклет ѕид меѓу нас само расте
и сам се обновува.
Уморна
со сиот свет на плеќи стежнат
го влечкам куферот или мојот живот, сеедно
цицајќи ја крвта од прстите ко дете цицалче
да заздрават
да можам да ти отсвирам песна
за птиците на твоето дрво што седат
отаде ѕидот
отаде мојата љубов кон тебе
отаде детето кое го убив во себе.
За Женски магазин, Ана Бунтеска