Ана Бунтеска: луѓе мои, за љубов се работи

Добивај вести на Viber

Страв ми е да не згрешам

да не ја утнам некаде работата

оти за љубов се работи

за онаа безусловната

за онаа каде грешките болат

болат повеќе од сопствената несреќа

за ќерка ми

за неа ми е страв да не згрешам

расти

се зачоечува и своја станува

а мене уплав ме фаќа да не оплескам некаде

оти не знам каде е границата меѓу многу и малку

како да ја научам да се сака себе

многу, за да не се изгуби низ животот

и малку за себична да не биди

каде лежи таа пуста граница

кликот каде е, ете тоа ме мачи

оти после оправање нема

дал да се дава себе

да се раздава со љубовта која од очите и’ блика

ил да е повоздржана за срцето да не и’ овени

што ли среќна ќе ја направи?

каде е идеалната средина за кантарот мирно да стои

да не повлечи ниту удолу ниту угоре

оти за љубов се работи луѓе

за онаа која грешки не простува

и секоја една уште долго пред себе ќе ја гледам

и ќе боли

ќе ме боли болката нејзина

и уште појќе што ќе знам неа колку ќе ја јаде

и што нема да можам ништо да сторам

оти ум делење тогаш не помага

ете, знае тоа мајка ми

дека отпосле ум не доаѓа

како ќе те скројат

таков низ животот ќе врвиш

а ја гледам

ја гледам како расти и си велам

на толку песни напишани

барем еден прирачник да стокмев

еден прирачник за тоа како се штити дете

од се’

од бол и загуба

од падови и солзи

од сама себе да се сочува

оти то ко ќе го знае

ќе знае и од другите како да се заштити

барем толку да можев

едно книжуле да шкртнев

како да го љубиш чедото

а да не го задушиш со љубовта своја

како да го чуваш

а да не создадеш обрач

како да си тука

а доволно далеку за да диши слободно

како твое да остани

ама секогаш свое да си биди

ете тоа не знам

и тоа ме дроби

оти растат брзо, премногу брзо

а и ние што ги чуваме грешни сме

и плашливи

оти за љубов, за љубов се работи

луѓе мои, за љубов се работи

За Женски магазин, поетесата Ана Бунтеска

Фото: Стојан Стојановски