Ана Бунтеска: Метастаза

Добивај вести на Viber

Од душава те откорнувам,

прецизно и остро засекувам како со скалпел,

во сопственото месо заривам без да трепнам,

без збор, без бол, оти болката и онака е веќе преценета.

Хируршки те отстранувам, полека, со внимание,

од сите делови во кои си метастазирал,

сечам, фрлам, бришам по некое сеќавање.

А добро те препознавам,

сите затруени делови се црни како твоето “те љубам”,

мирисаат на лага,

о, да, лагата мириса, исто како и вистината,

исто како и љубовта,

исто како и...

Но, без патетика молам!

Сега мојата работа бара прецизност, а не безначајни описи.

Длабам, копам и ништо не чувствувам,

дури ни тага нема во моето срце,

барем не во она што остана од моето срце.

Сечам, дел по дел,

И ете,

страв,

сечам  и гледам, од мојата душа ништо не останува,

ја чистам или убивам,

ја убивам или спасувам,

ја спасувам или само се надевам.

Рацете ми се тресат

и повеќе не сум силна,

ниту прецизна,

копам со прсти, те вадам,

немам повеќе трпение,

откорнувам се’,

тебе, себе, душава.

И ме фаќа смеа,

смеа, оти солзи немам

и се’ околу мене ечи од смеа,

додека во рацете ми лежат неколку тажни парчиња душа.


За Женски Магазин, Ана Бунтеска