Ана Бунтеска: Ми го вечераш срцето
Ми го вечераш
срцето
Лесно динстано на тивок оган
Со зачини и сите марифети сторено
А потем пропржено
На маслиново масло неколкупати свртено
За да порумени
За бојата да му се врати
Ми го вечераш срцето
Незнаејќи дури ниту што е на асталот
Кој е натокмен како за гости
Ставено во порцеланска чинија
Со две гранчиња рузмарин
За да го личи
За окото да ти се наполни
Ми го вечераш срцето
Сечејќи совршени залаци
Како гурман кој се насладува
Со нож од сјајно сребро
И вилушка од истиот комплет
Токму онака како што доликува
За еден ваков раскошен оброк
Ми го вечераш срцето
Со главата нурната удолу
Џвакајќи си ги мислите
Поттурнувајќи го грашокот
Кој и онака е само така ставен
За да блесне зеленило
Меѓу неколкуте капки крв
Ти спремив вечера
Која нема да ја заборавиш
И чиј вкус уште цел век
Низ устата ќе ти се враќа
И непцата ќе ти ги дразни
Чунки никојпат срце љубовно
Досега не си пробал
Ти спремив вечера
Која последна ќе ни биде
Пред секој на своја страна да киниса
Без опул назад
Без молење и каење
Без солзи и преколнување
Кои секогаш се одвишок при разделби
Ни спремив вечера
За тебе срцево мое
За мене остатоци од спомени
Колку да не изумам оти срце имав
Кое од многу раздавање
Веќе за ништо не го биваше
Освен за една сосем обична вечера...за двајца
За Женски магазин, поетесата Ана Бунтеска