Ана Бунтеска: Можам да молчам дур не заборавиш

Добивај вести на Viber

Можам да замолчам

Со истата длабочина со која зборој ти везам

И да молчам дур од тишината

Не почне во главата да ти татне

Та да ти се чини оти некој во умот ти ровари

Можам да молчам

Знам да молчам

Онака како што некој дрдори со часови

Недели и години уста не затвора

Е така можам да молчам драги мој

Да си ја сошијам устава со срмен конец

Без ниет некојпат да ја отшијам

И да не почувствувам желба

Некогаш дури и да ти шепнам нешто

Да те потпрашам како си и како врвиш

Или не дај Боже да ти раскажам нешто за мене

Можам

Една од малкуте работи кои беспрекорно ги можам

Е да молчам

И години да минат

А да не ми недостасува зборот

Кој за тебе таксан бил

Во тишина со тебе муабет ќе везам

И пак ќе сме блиски

Или ќе се касаме ко кучиња за коска

И ќе се мириме ко мали деца

Ама со молк

Ете и така можам пиле

Можам да ти молчам

И повеќе тука да не сум

Ниту за мака ко ќе имаш

Ниту ко за дете за тебе да се грижам

Ниту срцево да ми прескокнува ликот ко ќе ти го видам

И можам сите врати пред тебе со катанец да ги заклучам

И никојпат во мене да не се видиш

Ни каков маж си

Ниту каков си можел да бидиш

И глата да ја завртам за себе во тебе да не се видам

Оти она што во твојот поглед можам да го сетам

Не е она што сакам и можам да бидам

Можам да молчам

Можам да молчам дур не заборавиш дека сум постоела

Да молчам дур не замолчиш и ти пред мене

И да си ќутиме пиле

Да си ќутиме фрлени на два краја од светот

Туку

Она што ме мачи и боли

Со зборојте што ќе правиме

Со оние кои сме си ги напишале

И како со конци еден за друг сме се врзале

Нив пиле...нив како да ги закопаме?


За Женски Магазин, Ана Бунтеска