Ана Бунтеска: Можеби утрото ќе донесе само спокој
Се разбудив во туѓо тело,
некое кое не го знам,
со обриси кои не се мои,
но, во мојот кревет, во мојот дом.
Лежев така некое време,
прво ги мрдав ножните прсти,
потем колената ги свиткав,
со рацете се напипував.
Градиве некако поголеми ми се видоа на допир,
а и косата ми беше подолга,
ме потеше кај вратот,
ме кубеа прамените под грбов.
Извлеков еден,
гледам повторно е црвена,
чудна црвена боја,
како оган да ми се вгнездил на главата.
Станав полека, многу внимателно,
оти сепак туѓо тело е, од кај да му ги знам навиките,
се исправив и со несигурен чекор, како дете кое проодува
полека стасав до огледалото.
Јас сум, а сепак не сум,
висока и тенка, да, таа сум,
со коса до половината, немирна грива
и очи кои се блескаво зелени, некако поголеми од моиве.
Го нагризував усните, ги чувствувам,
сите зборови ми спијат на јазиков,
мои се, вкусот им го знам,
проклетство, што ми се има случено дур сум сонувала!
Кожата ми е прозирно бела, како да немам капка крв во себе,
јас сум, мисливе мои се, истите се,
а повторно, туѓ лик гледам, кој многу наликува на мене,
но е чудесно воздушест и нестварен.
Набрзина се одмивам, облекувам и излегувам,
внимателно ја заклучувам вратата зад себе,
ги бројам скалилата,
а надвор ме дочекува ден.
Мириса на мојот град,
полн облаци и нераскажани приказни,
полн лица кои не сакам да ги знам,
полн неиспишани стихови кои ми лежат на градиве.
Ги изодувам сите улици кои ми се врежале во душава,
натежнати се облаците, темно е небото,
ги очекувам со полно срце првите капки дожд,
небаре тие ќе ми откријат што се има случено.
И еве, како со дождот да имаме преќутен договор,
па почнува да лие, да одмива,
а мене душава како на место да ми доаѓа,
дур влажниот асфалт ми ги полни ноздвите со мир.
Тука сум, јас сум,
иако чуден е денов, колку што сум денес чудна и јас,
како во некоја друга приказна ставена, во туѓо тело сместена,
но, слободна и бестелесна.
Дури во ноќта се прибирам дома,
не чувствувам жед, ниту глад ме мачи,
само желба за сон имам,
со немирно исчекување што ќе ми донесе утрото.
Можеби ќе се вратам во моето тело,
можеби ќе имам поубаво,
можеби сабајлината ќе бидам “тој” наместо “таа”,
а можеби, велам само можеби утрото ќе донесе само спокој.
За Женски Магазин, Ана Бунтеска