Ана Бунтеска: На брегот
Ме оставаш на брегот
демек на сигурно
ме оставаш сама
знаејќи дека себеси
најголем непријател знам да си бидам.
Ме оставаш
со нозете дополу в песок
кој низ рацете ми се лизга
а долу како жив да е
та ме влечи
неосетно и бавно.
Ме оставаш да гледам
како полека заминуваш
со чекор кој е лесен
како во вода влегуваш
без да се завртиш
и без да викнам по тебе
само молчам и те впивам
оти знам дека во главава
како спомен ќе останеш
а ти си одиш
во длабокото
сам
и со силни замавнувања водата ја сечеш
додека од тебе само точка не остане
која едвај можам да ја видам
дур подзамижувам од сонцето.
Ме оставаш на брегот
на осамен остров
на кој само букви останале
и секоја од нив на кожата ми се лепи
и засеци ми прави
а мене болката некако убава ми е
за да не се потсеќам дека тука не си
и дека нема веќе назад
ниту ти ќе се вратиш
ниту јас од овој остров некаде ќе одам.
Ме оставаш на брегот
демек на сигурно
демек знам како со себе
демек силна
на брегот од еден пуст остров
кој ниту име има
полн букви за тебе што ги подготвувам
како утеха... како спомен.
За Женски магазин, поетесата Ана Бунтеска
Фото: Стојан Стојановски