Ана Бунтеска: На кој кантар љубовта се мери
Велат оти мудрите луѓе знаат
Знаат како да стават две нешта на кантар
И да го одберат она што ќе натежне
Чунки вредноста поголема му е
Или барем така некако се чини
Велат, ете така ми имаа кажано
Оти умните и учени луѓе
Знаат од две работи, поубата да ја стокмат
И за неа ко слеп за стап да се фатат
Оти поарен суд од кантарот немало и ќе нема
А мене пусто не ми влегува во глата
Оти некако чудно ми е кантарот баждарен
Та за мене грам свила
Повреден од сто кила камења е
Алтанот од дедо ми остаен
Потежок од вреќа азно ми е
Образот чист
Појќе ми чини од сета пара на светов
И сонот без кошмар
Не ми се заменува со перја од паун
Ете (а можеби и јас во глата арна не сум)
Ама па една грутка земја
Која на коските на моите покојни мириса
Потешка ми е од сиот сјај на моќта
И од тоа некој да ме слави и опева
Или на сиот глас да ме фали
Оти еден ден и моиве коски
Ќе лежат до оние чие презиме носам
И кои аманет оставиле
Кантарот во душава што го носам
Да ми стежнува за моето
За земјата која живот ми дала
За сонцето под кое телово го греам
За мирисот на овошките под чие дрво заспивам
За топлината на јазикот кој го говорам
За секоја песна на тој јазик напишана
Та се прашувам и сама со себе си зборувам
На кој кантар љубовта кон тебе се мери
И се’ ми се чини оти таков кантар нема
Ниту некојпат некој ќе измисли
Оти има, сепак има нешта
Кои кантар не ги бери и не ги собира
Како љубовта што е
Како љубовта кон тебе што секој од нас ја има
Заради која срцата болка во себе ни носат
Заради тебе...земјо моја напатена
Земјо моја, од своите оставена
За Женски Магазин, Ана Бунтеска