Ана Бунтеска: Не често, ама доволно за да заболи

Добивај вести на Viber

Ти го гледам ликот пред себе,

не често, само на моменти пред мене излегува

и дланката на твоето лице ми спие,

кожата под прстиве ти ја чувствувам

и не, не често, ама доволно за да заболи.

Допирот на себе ти го носам,

не често, само на момент набрзина ќе те сетам,

во косата, на грбов, на градите те носам,

како ветар низ мене да поминува

и не, не често, ама доволно за да заболи.

Здивот во својот ти го наоѓам,

не често,но вдишувам длабоко за да те задржам,

за да најдеш место во утробава,

таму да ми останеш, таму да ми дишеш

и не, не често, ама доволно за да заболи.

Не помислувам на тебе,

не често, само ете понекогаш низ главава ми шеташ,

ми буричкаш низ умов, небаре бараш нешто,

нешто што можеби и не сум ти дала,

и не, не често, ама доволно за да заболи.

И во ноќи како оваа, со тебе танцувам,

не често, ама и такви, како оваа има,

се облекувам во долг, црн фустан со гол грб,

со високи потпетици танцувам со твојата сенка,

и не, не често, ама доволно за да заболи.

И кога веќе ноќва спомени ми носи,

сеедно ми е колку во мене ќе изроварат,

оти утре, повторно себе ќе се најдам,

во некоја украсна кутија спомените ќе ги ставам

и повторно ќе се насмевнувам, не често, ама доволно за да не боли.


За Женски Магазин, Ана Бунтеска