Ана Бунтеска: Не е дека...не е

Добивај вести на Viber

Не е дека сонцето ќе изгасне

Како да е дотраена сијалица

Која деноноќно светела

За да не не’ проголта ноќта

Ниту е дека облаците ќе ги снема

Како глуварче во кое дете дувнало

Та се разлетува на сите страни

Како никогаш да не постоело

Не е дека дождот ќе пресуши

Како во сливник во кој заминуваат спомените

И никогаш не знаеш во која река

Рибите од нив ќе се заситат

Ниту е дека дрвата без корен ќе останат

Како живот во нив да не останал

Како шупливо стеблото да останало

Во кое има ехо од издлабени имиња

Не е дека ѕвездите ќе избледат

Како песна напишана со мастило

Која никогаш не стасува до љубениот

Или пристигнува предоцна

Ниту е дека музиката ќе занеми

Како старо радио од памтивек

Кое мемлосано седи во нечиј подрум

Приспомнувајќи си на поубави денови

Не е дека смеата ќе згасне

Како во немите филмови

Во кои главните глумци 

Секогаш со бакнеж завршуваат

Ниту е дека земјата ќе престане да се врти

И дека се’ на неа ќе застане

Како вкочането да е времето

Она кое не работи во наша корист

Не е дека...

Ниту е дека...

Не

Не е дека нешто ќе се смени

И не е дека некој ќе знае

Оти имало некаде некоја љубов

Во која си бил ти

И во која моето име се спомнувало

И не е дека некому ќе му биде гајле

Ниту за тебе ќе го боли

Ниту за мене душата некому ќе крвари

Ама ете

Не е дека сеедно ми е

Ниту е дека сеедно некојпат ќе ми биде

Оти некои љубови болат

Дури и тогаш кога повеќе љубов не се

Или кога некој друг местото го пополнил

Она кое твое си беше

И она во кое сето мое постоење го збираше

Не е

Не е дека не ќе преживееме

Ама боли

Пусто, никако да помине


За Женски Магазин, Ана Бунтеска