Ана Бунтеска: Не ги броев чекорите

Добивај вести на Viber

Не ги броев чекорите

Кои до тебе ме носеа

Иако знам дека изврвив многу

И дека три рала чевли искинав

А косата ми обеле во коренот

Не ги броев чекорите

Ниту се џарев удолу дур одев

Туку гледав напред пред себе

Та на секоја угорнина

Едвај чекав да видам

Дал удолнината кај тебе ќе ме донесе

До следната 

Која беше пострмна од претходната

Не ги броев чекорите

Туку плановите и желбите

Копнежите и мечтите

Та во мислите веќе прегрнати бевме

Испреплетени во јазли од љубов

Колку да не ме јаде јанѕа 

Оти времето ни минува

Не ги броев чекорите

Оти од тебе до мене светови изодев

И низ многу води препливав

Та како давеник за сламка се фаќав

Дека ќе те најдам и дека ме бараш

Чунки времето за нашата ќора трка постоеше

Во која секогаш последни стасувавме

Не ги броев чекорите

Ниту ги броев секундите

Во кои животот векови траеше

Ниту вековите кои се изгубија

Над еден бел облак зад кој немаше ништо

Освен сеќавање на еден долг пат

Не ги броев чекорите

Дури ниту оние со кои назад се враќав

На местото од кое кинисав накај тебе

И знам

Или можеби така ми се чини

Оти патот е секогаш пократок

Кога на себе чоек си иди

Иако чекорите исти се

Празни се


За Женски магазин, поетесата Ана Бунтеска