Ана Бунтеска: Не инспирација, сакав љубов да си ми

Добивај вести на Viber

Сакав за замислена тага да пишувам,

а среќата да ја живеам,

да имам љубов како во ефтин холивудски филм,

со крај кој дури би бил и патетично романтичен.

Токму така сакав,

колку и да се чини смешно на овие години,

впрочем срцево не ми е остарено ниту ден,

а душава ми е широка за светов внатре да го збере.

Ама во оваа љубов моја има се’,

освен приказна за среќа,

како проклетство да влечам со себе,

како сенкава од јадови да ми е исткаена.

А сакав сосем обични работи,

боже, да готвам дури за тебе сакав!

да ги одморам прстиве од пишување,

да легнам до тебе и така стуткана да заспијам.

И како што тоа секогаш бива,

наједноставните работи се најтешки за живеење,

како мирисот на убавината да е полн трулеж,

како да е грев да посакаш со насмевка да се будиш.

Ете сакав, така сакав,

сосем просто и без страв да ти раскажувам за себе,

да те слушам со часови, да тонам во тебе,

мирот да си го најдам во твојата воздишка по мене.

Не сакав да си ми инспирација,

за ниту еден стих не те посакав,

не за да ти кажувам колку ме боли преку пишан збор,

не инспирација, сакав љубов да си ми.


За Женски Магазин, Ана Бунтеска