Ана Бунтеска: Не инспирација, сакав љубов да си ми
Сакав за замислена тага да пишувам
а среќата да ја живеам
да имам љубов како во евтин холивудски филм
токму таква
дури и блуткава
со крај кој би бил и патетично романтичен.
Ете, така сакав
колку и да се чини смешно на овие години
како срцето години да има
а моево не е остарено ниту ден.
Таква љубов, драги мој,
со тебе сакав да живеам
ама во оваа љубов моја има с`
освен приказна за среќа
како проклетство да влечам со себе
како сенка од јадови исткаена
а сакав
сосем обични работи сакав
Боже, да готвам дури за тебе ќе научев
да ги одморам прстиве од пишување
да легнам до тебе
и така стуткана да заспијам.
Ете, сакав, така сакав
сосем просто и без страв
да ти раскажувам за себе
да те слушам со часови
да тонам во тебе
мирот да си го најдам
во твојата воздишка по мене
и како што тоа секогаш бива
во оние приказни кои на платно не се
наједноставните работи се најтешки за живеење
како мирисот на убавината да е забранет
како да е грев да посакаш со насмев да се будиш.
Не сакав да си ми инспирација
за ниту еден стих не те посакав
налет зборот со кој ќе те напишам.
Не инспирација
сакав љубов да си ми.
За Женски магазин, поетесата Ана Бунтеска