Ана Бунтеска: Не ми ги крши зборовите
Ми ги кршиш зборовите кои ги токмев за тебе,
ми ги раздробуваш на неважни слогови,
ете така, од забава, оти ти се сака, ти се може,
ме предизвикуваш да ги изговорам,
наместо во писмо да ги сместам,
иако знаеш дека само преку нив можам се’ да ти кажам.
А мене пустите како доенчиња ми се,
како од маткава исцедени, од копнеж зачнати,
на лева града наместени за љубовен подој,
од десната пак, мудрост вековна им давам,
та по цела ноќ приспивни им пејам,
во колевка кај душава дур ги нишкам.
Не ме присилувај да ти зборувам,
оти устава не знае она што прстиве го можат,
моќта во нив ми спие, дури молкот умов ми го обзема,
па еве, не паметам од кога љубовта некому сум ја кажала,
уст да отворам, па што биде нека биде,
но, не... во писмо, во стих, ете таму желбата ми преспива.
Во молкот утеха имам, мир во себе, тишина која залекува,
ете, дури и гласот сум си го подзаборавила,
оти да кажам нешто ново, нешто досега нечуено, немам,
полесно се простувам со сите треперења дур ги пишувам,
ставени на лист хартија, за да се запаметат,
за добредојде или за збогум напишани да останат.
Не ми ги крши зборовите, барем не оние што за тебе ги имам,
не ми ги рони како суви лисја низ дланките,
остави нека паднат слободно, нека бидат цели, есенски и шарени,
оти само нив ги имам, само тоа можам да ти дадам,
да ти кажам...да, те љубам,
преку нив, преку сите мои тажни зборови.
За Женски Магазин, Ана Бунтеска