Ана Бунтеска: Не остана мост помеѓу нас

Добивај вести на Viber

Не остана мост помеѓу нас

Преку кој еден од нас ќе минеше

Тогаш кога горчината ќе избледеше

И кога главите ќе ни се оладеа

А срцата уште топли ќе ни беа

Не остана мост помеѓу нас

Оти само разделбата ја сторивме посветено

Со сиот жар кој можеше страст да биде

Ама ете, одбравме поинаку да биде

Со гнев од кој само пепел остана зад нас

Не остана мост помеѓу нас

Ниту гранка за која можеме да се фатиме

И низ надојдената река да препливаме

Та си стоиме секој на својата страна од брегот

Со мисла оти сепак добро сме направиле

Не остана мост помеѓу нас

Станавме врвни во рушење

Останавме доследни во пцостите

Од кои после јазиците си ги касаме молкум

За се’ што сме си изнакажале, а не сме мислеле

Не остана мост помеѓу нас

Оти за градење мост љубовен

Ниту камен ниту малтер треба

Ниту железо ниту столбови цврсти

Туку кроткост која во нашите клетви ја удавивме

Не остана мост помеѓу нас

Се скинаа и последните нишки

За кои како давеници се држевме

И без кои од НИЕ само тага остана

Од која устите ни горчат

Не остана мост помеѓу нас

И после толку лета минати

Не знам дали некогаш мост имало

Или само сакавме да се залажуваме

Демек и нас за љубов не’ бивало

Ги разјадовме темелите

Поставивме бомби од поганлаци

Тупаници наместо стисок си дадовме

И мисла во која птица гнездо не гнезди

Ги урнавме сите копнежи

Ја убивме надежта за подобро утре

Ги кренавме главите премногу угоре

Дур нозете удолу во калта не’ влечат

И пак умот не ни иди

Ниту тебе, ниту мене умот ни дојде

За ронка милост

Од која повторно мост ќе направевме

Од тебе до мене

Од мене до тебе

Од нас до љубовта наша несудена

За Женски Магазин, Ана Бунтеска