Ана Бунтеска: Не прашувај ме

Добивај вести на Viber

Не прашувај ме зошто

Одамна еден крај друг не се будиме 

И не прашувај ме како

На ова дереџе успеавме да стасаме

Еве, не знам

Прашај ме нешто полесно

Нешто што ќе го најдам во книгите

Или ќе можам некого да прашам

Прашај ме нешто што болка не ми буди

Ниту неспани ноќи ми носи

Или прашај ме нешто од што 

Желудников нема во јазол да ми биде

И утробата нема да ме вие

Не прашувај ме зошто

Одамна како странци сме

Кои се сретнуваат ама не зборуваат

И избегнуваат во очи да се гледаат

Не прашувај ме како

Успевам денот да го изврвам

Без солза од око да ми капне

Или да подголтнам топка горчина

Прашај ме нешто што знам

Нешто што ќе умеам да ти одговорам

Без спомени да ме навјасаат

И од нив да ми се чини

Дека еве, кај и да е ќе излудам

Прашај ме нешто неважно

Што не е за нас врзано

Или за нашата приказна залепено

Не знам...

Прашај ме за иднината

Оти за неа знам

Дека не ќе ја дочекаме заедно

Прашај ме за тој после тебе

Или уште поарно

Зборувај ми за таа после мене

Дали ти ги залечи раните

Со мевлем од нова љубов

Ситно истолчена за сок да пушти

За да се фати иљачот

Зборувај ми за животот со неа

И дали се смеете до премаленост

Дали се пика во тебе дур спиете

Или дали раката ти ја стиска дур чекорите

Зборувај ми за било што

Или молкум остави да се одболедуваме

Само ете...ќе те замолам

Не прашувај ме зошто

И не прашувај ме како

Ти и јас повеќе НИЕ не сме


За Женски магазин, поетесата Ана Бунтеска