Aна Бунтеска: Не си го лажи умот
Не си го лажи умот
Дека еден ден поинаку ќе е
И дека ќе се разбудиме еден до друг
Како ништо да не се случило
Како да не минале години
Како да не протекле сто води меѓу нас
Како да не сме скинале едно чудо рала чевли
Бегајќи еден од друг што подалеку
Не си го лажи умот
Дека сите ѕидови ќе се урнат
Откако внимателно сме ги граделе
Силни да бидат и да не се срушат
Тогаш кога слабост ќе нѐ фати
Па душата еден по друг ќе ни заплаче
Оти не е лесно љубов да закопаш
А уште помалку дел од себе со неа
Не си го лажи умот
Оти еден ден времето ќе застане
И сите мориња ќе пресушат
За полесно патот еден до друг да го најдеме
Со нови обувки на нозете
Стокмени како момче и невеста
Кои со трепет во душите
Ја чекаат ноќта во која ќе се спојат
Не си го лажи умот
Дека спомените ќе ги поминеме низ сито и решето
За да останат убавите
И дека за нив ко слепци за стап ќе се фатиме
За да ставиме темел на уште еден обид
Колку да се каже дека не сме се откажале
Иако и ти и јас знаеме
Оти скинатото не се зашива
Кога е срцето разресено како ветва кошула
Не си го лажи умот
Оти и на мојов толку му треба
За да почне и тој да се лаже себе
Дека минатото нема сторено рани
Од кои длабоки лузни носиме
Кои на самата помисла еден на друг
Повторно почнуваат да крварат
Како и никогаш да не зараснале
Не си го лажи умот
И не ми го лажи умот
Оти секојпат само љубовта е доволна
За пак да се вратиме во иста постела
И под ист покрив да седиме
Без каење колку сме се навредиле
Без болка колку сме се повредиле
Не си го лажи умот
Оти и мојов поарен не е
Та едвај чека надеж
Колку и да е лесна и плитка
Колку и да е невидлива и ситна
За пак да се обидеме
Чунки сега постари сме
Демек и помудри сме станале
Иако...
Иако и двајцата знаеме
Оти само умовите си ги лажеме
Со една љубов која без љубов нѐ остави
Со една љубов која пред време нѐ остари
За Женски магазин, поетесата Ана Бунтеска