Ана Бунтеска: Не сум ти јас...не сум

Добивај вести на Viber

Не сум пиле јас од оние

Од оние (мудри) жени кои на мал прст ќе те вртат

Дур не ти се приблуе и омалаксаш

Та со тебе после мајтап да играат

Ниту сум од оние со тешка шминка

На лице шо клаваат

Та под секој слој ново лице откриваш

Дур не ти се присмачи

И дур раце не крениш

Оти никојпат не знајш кое е последното

Не сум пиле

Ама ич не сум од оние жени

Кои наместо “те сакам”, “не те мразам” ќе речат

И кокетно со очи ќе трепкаат

Ко промаја во душата да сакаат да ти сторат

И со усни напрчени ќе бидат

Оти отпечатокот на филтерот од скапите цигари

Совршен мора да биди

Пиле

Не сум

Не сум ти јас од оние жени кои на сила слаби се праат

И кои во умот бројат и пребројуваат

Кои мислат оти се’ во надменоста е

И кои за срамна суета за ич пари ќе те продадат

Не сум

А да сакав можеби и можев

Да бидам една оние за кои лајчето да го кренат мака е

И кои во свилена постела спијат

Демек кожата на друго учена не им е

Ете...

За мене појќе можиш да речиш оти машка жена сум

Со остар ум и силни раце полни набабрени вени

Која шминка не клава

Оти знај дека само себе ќе се лажи

И која ко ќе ти речи “те љубам”

Од утробата зборот го откинува

Од она место каде што и плод мајчин се зачнува

И која песна без срам пред сите ќе ти пишува

И ќе ти речи оти без тебе можи, ама убо не и’ е

Оти и’ требаш, ама не дека сама не знај

Туку оти денот со тебе во умот го врви

Не сум

Не сум ти пиле јас жена која многу аздисува

И која можи замена да ти најди за самотија да не ја навјаса

Јас сум од оние жени кои како карпа стојат

И стрпливи се табиетот да ти го поднесат

И да те чекаат

Оти за нив никој и ништо далечно не е

Дур во душата...дур во себе те чуваат



За Женски Магазин, Ана Бунтеска