Ана Бунтеска: Не те исплакав
не те исплакав
ниту себе се погалив
да си простам
да си кажам дека не згрешив
и солзи да пуштам
шо за тебе
шо за себе
да не’ измијам во нив и двајцата
да олесни
сите тежини во куфер да ги сместам
и во некој празен вагон да ги оставам
без да знам каде ќе завршат
не те исплакав
а велат потешко од солза нема
оти печи
гори однатре
и бразди остава
кои на лицето не се гледаат
а на душа лузни оставаат
како крив селски пат
за кој не сакам да знам кај води
и не поминува
како сеќавање на луѓето
кои попатно си ги изгубил
не те исплакав
и сега во себе море имам
а срцево е како брод
без кормило
без капетан на него
на ветар и вода осуден
без да знае од која карпа ќе се скрши
уморен од патувања
уморен од патници во него
и плови од ваму-таму
без идеја што понатаму
осолен и напукнат
не те исплакав
и оние блиските ќе речат
“будалче, немаш кого”
а јас знам дека мир немам
ниту бранава ќе додржи уште долго
оти наместо крв, солена вода ми врие
и вените ми ги набабрува
до пукање, до бол
дур еден ден не се скршам
како долго стискана чаша во рака
и не се излеам
не истечам
не те исплакав
не се исплакав
не не’ исплакав
а кутрите, за плачење сме
За Женски магазин, поетесата Ана Бунтеска
Фото: Стојан Стојановски