Ана Бунтеска: Не ти припаѓам

Добивај вести на Viber

Не ти припаѓам,

никогаш и не бев твоја,

ниту тогаш кога беше во мене,

кога здивовите и воздишките ни’ се мешаа,

кога твојата пот и мојата слуз мирисаа на живот.

И знам дека знаеше,

знам по начинот на кој ме гледаше,

или допреше по лицето со тага и умор,

знаев дека знаеш оти моментот ќе мине

и ќе ти оставам само бол.

Не ти припаѓав ни кога твоето име го извикував,

или кога ти кажував дека те љубам,

кога ми ја стискаше раката дури солзи не протечеа,

ниту кога среде ноќ ме држеше стисната до себе,

дур врескав и се тресев од кошмари.

А се обидов, проклета да сум,

се обидов да сум твоја,

повеќе одошто бев своја,

но како душава да си скротам,

кога е секаде и никаде!

Можев телово да ти го дадам

и само тебе да те гледам и допирам,

зборови да ти напишам и посветам песна,

а сите трепети во утробава и неизречени мисли

остануваа во мене, како во кафез.

Не ти припаѓам

и себеси не си припаѓам, ако е тоа некаква утеха,

само привремено сум тука,

без корени и без иднина,

лизгам, како песок низ прсти...не ја стегај дланката во тупаница!

Не ти припаѓам...а сакав,

барем еднаш сакав да сум нечија,

да се свијам како фетус,

да одморам, душава да ја покорам,

прости за да си простам...дека никогаш не ти припаѓав.


За Женски Магазин, Ана Бунтеска