Ана Бунтеска: Некогаш сонувам дека ништо повеќе не ме боли

Добивај вести на Viber

Некогаш

Ете некогаш кога месечината е полна

Сонувам дека се пораѓам

Во болница која не наликува на тоа

Но по мирисот ја препознавам

И по стравот кој во носот ми е вгнезден

Сама в соба

Сета тетрава и тешка

Со рацете стиснати околу железната ограда

Од болничкиот кревет

Со раширени нозе и испапчен стомак

Оросена од чекање и исчекување

Некој да ја пресече папочната врвца

И знам дека ме боли

Ете

Во сонот знам дека мора да ме боли

Оти си го гледам подуеното тело

Но ништо не чувствувам

И тапо ми е

Толку многу што се преправам

Дека имам контракции

Оти не бива пород без бол

И го нишам мевот

Оти не бива да се пораѓам

Кога во мене ништо не мрда

Некогаш

Некогаш со денови го сонувам истиот сон

Кој секогаш застанува на истото место

Онаму каде што насмеаната акушерка ми вели

“имате ќерка”

А јас во парчето месо што од мене го вади

Можам да се видам само себе

Како заспана да сум

А можеби и навистина спијам

Додека докторката ме зема мене од мене

И сета сериозна ме мери

И ја оценува неа, другата од мене што излегла

Која во сенката испикана ми е

И со која врвцата никако да ми атрофира

И да отпадне сама

Со таа

Со онаа која песни-чеда вади

И се’ поретко

Но се’ поболно се пораѓам

Со надеж дека еден ден јалова ќе станам

И ќе престанам да сонувам

“честитам госпоѓо...честитам”

Врескаат сите во хор додека се будам со страв

Некогаш

Ама само некогаш

Сонувам дека ништо повеќе не ме боли

Тие ноќи

Заспивам доцна и станувам рано 


За Женски Магазин, Ана Бунтеска