Ана Бунтеска: Нема ...
Нема...
Нема поубаво нешто
Кога две души ќе се допрат
Една со друга ќе се опулат
Една во друга ќе потонат
Како во огледало
Како од двете, едно кога се прави
Та чиниш оти себеси повторно се наоѓаш
И покрај сите слепи улици
Од кои не знаеш како назад да се вратиш
Како на себе да си дојдеш
Нема...
Нема ништо поубаво
Од спокојот кој го носи топлината
Кога душа со душа ќе се најде
Како одамна разделени љубовници
Кои фрлени биле на два краја од светот
И сиот живот се бараат
За конечно да се најдат
И ете барем малку да здивнат
Од убост
Од среќа
Нема...
Ништо поубаво нема
Кога во другиот своето око ќе го најдеш
А тој во тебе, својата мисла ќе ја прочита
И си велиш оти се’ друго е минливо
Оти се’ менливо станува
Освен мигот на повторно запознавање
На двајца кои од дамнешни животи се знаат
Иако никојпат збор не си кажале
Ама ете судбината моќна била
Да се сретнат, да се ќердосаат
Нема...
Ништо поубаво нема од сродна душа
Оти животот сам ти кажува дека
Ниту пара усреќува
Ако немаш кому локум да купиш
Ниту моќта, радост ти носи
Ако немаш кого да помирисаш
Ниту руба која тело краси
Ако немаш за кого да ја слечиш
Ниту алтани кои на грло светат
Ако нема кој врат да ти бакнува
Нема...
Нема љубов без душа сродна
Нема душа сродна без спокој
Нема спокој без медовина живот
Нема живот без љубов
За Женски магазин, поетесата Ана Бунтеска