Ана Бунтеска: „неможамдадишамбезтебеѓубреедно“
Ми иде да те протресам
онака силно
колку што мојата тежина дозволува
и со рацеве лицето да ти го фатам
па да ти свикам
ама онака убаво да ти се развикам
„неможамдадишамбезтебеѓубреедно“.
С` во еден здив
за да ти треба барем минута-две
дур ме разбереш што зборувам
и ми иде една песна да ти напишам
без празни места
без точки
без запирки
и да се измачиш дур ме прочиташ
и читајќи стотина пати низ глава да ти мине
дека оваа лудава навистина те љуби
и можеби
ете, само можеби би ми дал некаков знак
па и најмалиот да е
за да знам дека не ти е сеедно
и дека не е с` изгубено.
Ми иде
ми иде толку силно да ти свикам
што на небото облаци ќе се соберат
и по некоја молња ќе блесне
за да ти текне дека тука сум
и дека едвај дишам вака
да ме замолчиш со бакнеж
ете така устата да ми ја затнеш
да не можам три дена на себе да дојдам
и пак да шетам
ко неколку прсти над земја да сум
да им се смешкам на оние кои не ги познавам
и будалесто збунета да бидам.
И ми иде,
леле, само да знаеш колку многу ми иде
да ти се развикам
колку, ете, само да ти покажам
дека ужасно ми недостасуваш
и дека
„неможамдадишамбезтебеѓубреедно“.
За Женски магазин, поетесата Ана Бунтеска