Ана Бунтеска Неспокој
Фати некој неспокој
Како суша која пред себе
Ништи сé што зазеленило
Како ветар кој со себе
Ги носи сите спомени во неповрат
Како тага која што однатре глода
Та утробата те жеже и пече
Фати некој неспокој
Како покрив недовршен на куќа
На кој ќерамиди нема и прокиснува
Како нерамен пат полн ситни камчиња
Кои во чевлите се пикаат и боцкаат
Како поткинато руво в зиме
Низ кој студенилото в коски се пика
Фати некој неспокој
Како претчувство на жена
Која знае дека мажот во туѓа прегратка ита
Како тапа болка на маж
Кој умее да препознае дека љубената си заминува
Како трепет во душа на детето
Кое во ноќта расправии придушени слуша
Фати некој неспокој
Од кој сите како поулавени сме
Со тескоба во душите
И со срце стегнато во тупаница
Та бесцелно итаме навидум некаде
За да стасаме во едно големо никаде
Дур шупливоста нé следи секаде
Фати некој неспокој
А демек никој ништо не приметува
И глави вртиме како да одбегнуваме
Како да не сакаме да си признаеме
Оти некако ич не нé бива
Та дома вежбаме среќа
За надвор совршено да ја изглумиме
Фати некое чудно време
Во нас и по домови да ни царува
Едно време полно чудни луѓе
Насмеани во устите
Тажни во очите
Полни зборови однадвор
А во нив мртва тишина
Фати време на неспокој
Од кој ни пеплосаа надежите
Во кое ни се замати вербата
И ни отиде курбан радоста
И никако од овој лош сон да се разбудиме
И да ја скршиме за навек клетвата
За од неспокојот, спокој да сториме