Ана Бунтеска: Никогаш зборовите не ти ги сакав

Добивај вести на Viber

Не ти ги сакам зборовите

и моите некогаш премногу ми се,

па ми доаѓа така без ред да ги истурам на хартија,

да им свикам “И? Сега што? Еве, надвор сте...и?”,

потоа подзинати да ги оставам да мислат дека сум полудела,

а јас, ете така испразнета, да појдам некаде на сладолед од боровинка.

Не ти ги сакам зборовите

и онака одамна не верувам во празно дрдорење,

па веќе престанав да ги слушам луѓето,

им се загледувам во очите, им се нурнувам во душите,

па малку роварам таму, ја барам вистината во трепетот на срцето,

а чудно, се’ почесто слушам само удари по лим.

Не ти ги сакам зборовите,

како стареам губам интерес за нив,

ми стануваат безлични и сосем безначајни,

оти луѓе преку нив немам видено,

па повеќе сакам со дланките лицата да им ги допрам,

топлината и кревкоста така да им ја сетам.

Не ти ги сакам зборовите,

затоа одамна молкот го одбрав за љубовник,

оти нема празни ветувања и скршени надежи,

оти во молкот ми е љубовта сочувана,

небаре прибежиште таму си нашла,

оти сите чувства меѓу зборовите ми се изгубија.

Ти го сакам допирот со кој телово ми го гоштеваш,

ти го сакам здивот во кој соблечена ме облекуваш,

ти го сакам мирисот со кој спокојно заспивам,

ти го сакам вкусот и нежноста со која од мене роб правиш,

ти ја сакам љубовта, сирова и ненакитена,

а зборовите...никогаш зборовите не ти ги сакав.


За Женски Магазин, Ана Бунтеска