Ана Бунтеска: Обликот на љубовта

Добивај вести на Viber

Ме обликуваш

развлекуваш

и меѓу две ребра пакуваш

како во кутиче

скапоцен накит да спаструваш

во кое себично ме чуваш

и безмилосно убиваш

без ниту еднаш да заболи.

И не знам,

еве, не знам

дали во зборот љубов

има доволно длабочина

за сите мои води да ги собере

дали висина доволно има

за да те зачувам во мојот Универзум

дали има широчина

која ќе ја дишеш со полни гради.

И ич не знам

дали во таа љубов може душава да ми ја збере

или таа само облик добива

на тој еден збор во кој постојам.

И како што ми се чини,

ништо повеќе не знам

освен...

Освен што толку многу знам

дека ти си тој

оној кој мириса на мое

поради кој јас – таа станувам

онаа која како дете ти се радува

и која како земјата – дождот те очекува

која покрај тебе се закотвува

и едрата ги собира

која се буди со вкусот на љубовта

кој е само безначаен збор од букви

кои ништо не значат

ако тебе во нив те нема.


За Женски Магазин, Ана Бунтеска