Ана Бунтеска: Од две зла
Во овој живот
на два стола не научив да седам
ниту надве љубовта да ја делам
та еден дел тебе да ти дадам
а друг на некој по кој пилето не ми пее.
Ниту знам како себе надве да се пресечам
и која полојна кому ќе ја стокмам.
Ниту со две лајци знам да јадам
а и од две чаши вино не пијам.
Ете, не знам,
не знам како еден чоек на два дела се дели
и не научив срцето и глата да ги одвојам
та срцето за еден да ми чука
а глата да одбери кој душава нема да ја скини.
Кај мене сето едно е
ко со златна жица врзани
и тегни ја
сечи ја
џабе кога не бива.
И џенем да фатам ако знам оти баш тебе те љубам
ко глата знај оти за срцево болест си ми
а тоа инаетливо и пак кај тебе се врти
ко да не му е доста
ко самото бељата да си ја бара.
Не научив
во овој живот, не научив мудра да бидам
и срце да замрзнам
за да ми трае
за да го имам и на старост
туку давај без усул
ко да не ќе осамне повторно ден
ко да не ќе ми треба и за година или две
та парчосувај го
и кини од него
раздавај ко задушница да е
ко на гробје за сите собрани да има.
Не знам,
ете, пусто тоа само не знам
како на два стола да седам
и како со една рака твојата да ја држам
а со другата за некој што ќе ме чува да се фатам
оти рацеве знаат само еден човек да гушкаат
и лице да милуваат
оти и молитви ко кажуваш
двете споени ги држиш.
И не знам,
не знам како душата неискасапена да ја чувам
кога од две зла
секогаш ќе те одберам тебе.
За Женски магазин, поетесата Ана Бунтеска