Ана Бунтеска: од грди луѓе да се вардиш

Добивај вести на Viber

Има луѓе грди

Многу, многу грди

На кои здивот на застоено им мириса

На запретани лаги

На пцовисана убава мисла која скапала

А во очите сјај немаат

Ниту пак погледот бистар им е

Им бега лево-десно колку в очи да не те пулат

Има луѓе грди

Со душа црна

К’о бунар полн отров

Та варди се во него удолу да не појдеш

Оти никој не излегол оттаму неотруен

Грди, грди луѓе

Кои ниту чест имаат

Ниту гордост во погледот

Кои ни за мрсул на нив да фрлиш не се

Ниту за сакање

Ниту за омраза

Да не знаеш што да им правиш

Ниту да ги гушнеш од жал

Оти за жалење не се

А ниту да ги отепаш

Оти ни за толку не вредат

Тие, таквите

Во широк круг да ги одминеш треба

Ниту миг да се задржуваш покрај нив

Да не те заболат со својот лошотилак

Да не те префати нивната болест

Оти злото во човека к’о болест е

Ем корења пушта

Ем после к’о дрво разгрането се шири

И повеќе спас не се наоѓа

Оти душата ко’ гние

И телото заболува

Од грди луѓе да се вардиш пиле

Да се научиш да ги сеќаваш

Пред доцна да биде

Пред срцето да ми ти страда

И да почнеш да се сушиш

Мораш да се научиш да ги распознаваш

И од сенката дури да им се плашиш

Да пазиш да не им ја згазиш

И колку што нозе те држат

Ете толку далеку да заминеш

Видвиделија да фатиш

И да не се вртиш

Никогаш повеќе по нив да не се вртиш

За да не си го носиш срцето на душа

За да не му ваѓаш после на срцето парастос

Пиле мое... кротко пиле мое


За Женски магазин, поетесата Ана Бунтеска