Ана Бунтеска: Од пријател до душман
Човек сам на себе што може
да си стори
Ниту најлутиот непријател
Колку да сака и да се труди
Не може полошо да му направи
Чунки сами со себе
Најголеми побратими може да бидеме
Ама и најголеми душмани сме
Човек како што сам себе може да се сотре
Никој и ништо не може да го здроби
Оти секому од нас умот
Или му е друшка или крвник
Та или ќе ни служи без да слугува
Или сопки везден ќе става
За и на прав пат мака да видиме
Човек сам на себе ако надеж не си даде
Нема збор и нема книга
Која може да го научи
Како сам себе да се љуби
И душата да си милува
Оти најголеми љубовници со себе сме
Колку и срцето поинаку да вели
Човек ако сам со себе не зборува
За мислата да си ја слушне
И сам за себе да одлучи
Дали ќе киниса по овој или оној пат
Секојпат ќе дава да го водат други
Без да приговара и без мислење да има
Како узди некому в раце да му ставил
Човек ако сам себе не се чуе
И ако не прави онака
Како што однатре утробата му вели
Секојпат ќе заврши кај што не сакал
Или онаму каде што не знае како да си замини
Та сиот живот ќе страда со главата удолу сведната
За ден видело да не види
Човек ако сам себе не се гледа
И ако сам себе не се чува и сочува
Ќе се изнапие горчлива вода низ животот
И ќе се изнасити од грутки кал наместо погача
Ќе колне и проколнува небаре друг виновен му е
Та празнина во себе ќе носи
Голема и поголема од сета самотија на светот
Човек додека не научи
Сам со себе арен да биди
И во себе спасот од себе да го гледа
Само ќе се шутка од ваму-таму
И ќе трча оттаму-ваму
Оти од пријател до душман со себе
Краток е патот, ама долго се тагува.
За Женски магазин, поетесата Ана Бунтеска